Учесници
2020
Меѓународниот саем „Органска Трпеза“, е прв од ваков карактер, а оваа година се организираше по трет пат. Саемот веќе прерасна во традиција каде што на земјоделците од руралните средини им се дава можност да се вмрежуваат за да разменат искуства и добри практики за изнаоѓање и надминување на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат индивидуално и да ја препознаат вредноста на своите производи.
Саемот „ОРГАНСКА ТРПЕЗА “ се оддржа на отворено на 12.09.2020 год, пред градскиот базен во Куманово, во склад со мерките за превенција од Covid 19 и препораките на Министерството за здравство и комисијата за спречување на ширење на заразни болести, односно со користење на средства за дезинфекција, носење на заштитни маски и одржување на физичка дистанца и тоа со почеток во 08:00 часот со пристигнување на учесниците и уредување на штандовите. Официјалниот дел на настанот започна во 12:00 часот, со свеченото отварање на истиот од страна на претседателот на здружението „Живот“, ѓ-ѓа Благица Гавриловска Цветковиќ. Говор и поддршка на истата одржаа и г-дин Максим Димитриевски, Градоначалник на Општина Куманово, г-дин Трајан Димковски, Заменик Министер за Земјоделство, шумарство и водостопанство и г-дин Горан Дамевски, заменик директор на програмата ИМЕ на Швајцарската амбасада, потенцирајќи ги важноста и значењето на ваквите настани
Во овој дел беа доделени благодарници за поддршка на манифестацијата на:
1. Програма за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската Агенција за развој и соработка
имплементирана од Паладиум;
2. Г-дин Максим Димитриевски, Градоначалник на Општина Куманово
3. Генерал Мајор Павле Арсоски, командант на команда за операции
4. Г-ѓа Цветанка Ивановска, в.д.директор на ЈП „Чистота и зеленило“, Куманово
5. Г-дин Тони Димитриевски – Шеик, сопственик на „Доминос Етно“ дооел, Скопје
Целта на манифестацијата беше да се организира настан за зачувување на традицијата на производство на храна, но и меѓусебно запознавање и размена на искуства и знаења на органските и другите производители на храна од руралните средини, како од Македонија така и од соседните држави.
На настанот беа поставени 100 штандови, активно учество земаа 75 излагачи од кои 7 локални, 65 регионални и 3 меѓународни. Настанот беше посетен од околу 1500 посетители помеѓу кои и претставници од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за економија, Министерство за транспорт и врски, АРМ, ЈП Пасишта, претставници од Амбасади, АППРМ, Агенција за вработување, претставници од Локалната самоуправа на општина Куманово, претставници од Комората на Органски производители, претставници од Комората на Занаетчии, претставници од Планските региони, како и претставници од домашни и меѓународни граѓански организации, локално население и медиуми.
На саемот беа изложени органски земјоделски производи, органски производи од животинско потекло, органски мед и производи од мед, органски и традиционални млечни производи, органска козметика, производи од алтернативна медицина и мелеми, производи од диворастечки растенија, органски ѓубрива и субстракти, органска кондиторија и барови, органски сокови, мармелади, џемови, органски зрнести производи, свежо и сушено овошје и зеленчук, органско кафе, органски оцет, вино, пиво и ракија, намази, топинзи и паштети, пекарски производи, традиционални македонски производи, садови. Беа презентирани и агенции, федерации, здруженија, владини и невладини организации, стопански комори, финансиски куќи, издавачки куќи, портали, асоцијации, нутриционисти и сертификатори кои на свој начин го помагаат и унапредуваат органското производство. Исто така имаше и изложувачи кои се производители или дистрибутери на опрема, машини, амбалажа за прозводство, преработка и пакување на органски производи.
Покрај операторите со храна, свој интерес за учество на манифестацијата пројавија и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехрамбени производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство, печатени и електронски медиуми и ТВ куќи, стопански комори од земјата и од странство, како и дипломатски претставништва и амбасади.
Оваа година, саемската манифестација беше збогатена и проширена со учесници од претпријатија за социјално претприемништво кои што се занимаваат со органско производство, како и здруженија и организации кои ја негуваат нашата традиција, а воедно ги негуваат и зачувуваат старите занаети.
Саемот беше одлична основа да им дадеме видливост како на производите, така и на производителите. Поради тоа, од организациски аспект, обезбедивме и простор со поставени маси и столчиња како и соодветен материјал, потребни за овозможување на Б2Б средби, кои што беа однапред закажани. Остварени се вкупно 23 Б2Б средби помеѓу производителите, преработувачите и извозници, а потпишани се 5 меморандуми за соработка.
По завршување на манифестацијата, на учесниците им беа поделени анкетни прашалници за евалуација на резултатите од саемот Органска трпеза. Контактирани се сите учесници од кои добивме позитивни коментари и поддршка за саемот.
Голем дел на учесниците изразија интерес за учество на следниот саем во 2021 година. На веб страницата на здружението www.zivot.org.mk објавени се слики, видео записи и објави во врска со саемот објавени во медиумите и на социјалните мрежи. На сите учесници на саемот доделени им се сертификати за учество на третиот меѓународен саем на органски и традиционални производи Органска Трпеза 2020.
Здружението ЖИВОТ планира да го одржува овој саем во континуитет и во следните години. Подготовките за саемот „Органска Трпеза 2021“ година ќе започнат уште со стартот на новата година, а се предвидува саемот да трае повеќе денови и да содржи повеќе активности.