На 25.09.2021 година (сабота)
во спортско рекреативниот комплекс во Куманово, во период од 08:00 до 18:00 часот,
ќе се одржи
ЧЕТВРТИОТ МЕЃУНАРОДЕН САЕМ НА ОРГАНСКИ И ТРАДИЦИОНАЛНИ ПРОИЗВОДИ
„ОРГАНСКА ТРПЕЗА“
Пристигнување на излагачи – 08:00 часот
Свечено отварање -12:00 часот
Влезот за сите посетители е бесплатен.
Бесплатен паркинг за сите учесници и посетители
Преку организирање на панел дискусии, работилници и конференции, а пред се со организирање на меѓународниот саем ОРГАНСКА ТРПЕЗА им помагаме на нашите партнери да ги согледаат предизвиците со кои што се соочуваат, да ги надминат истите и да ги развијат и да ги подобрат деловните контакти локално и во регионот на Централна и Југоисточна Европа, како и да започнат релевантно вмрежување на глобално ниво.
„Органска Трпеза“ има за цел да стане централно место за презентација, промоција, дегустација и продажба на одбрани производи, размена на знаења, искуства и деловни можности во овој дел на Европа за областите на органски и традиционални производи.
Покрај операторите со храна, ќе учествуваат и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехрамбени производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство.
Оваа година има пријавени учесници од Р.С. Македонија, Србија, Бугарија, Ерменија, Хрватска, Словенија, Руска Федерација, Словачка, Црна Гора, Косово и други.
Здруженијата на Заедниците на националности во РСМ ќе ја презентираат својата култура и трпеза.
Ќе се презентираат и агенции, асоцијации, федерации, здруженија, владини и невладини организации, стопански комори, издавачки куќи, портали, нутриционисти и сертификатори кои на свој начин го помагаат и унапредуваат органското производство, печатени и електронски медиуми и ТВ куќи, стопански комори од земјата и од странство, како и дипломатски претставништва и амбасади.
Експерти за рурален и земјоделски развој, како и претставници од секторот за развој на руралниот туризам, ќе ја презентираат моменталната состојба на теренот, ќе покренат дискусија и ќе дадат препораки за понатамошни мерки и чекори за подобрување на животот во руралните средини. Фокусот ќе биде на образованието и ширењето на знаењето поврзано со успешниот агробизнис во Р.С.Македонија.
Претставници на финансиски институции ќе информираат за моделите на финансирање на агробизнисот, имајќи предвид дека стимулациите постојат и недоволно се користат.
Оваа година, саемската манифестација ќе биде збогатена и проширена со учесници од здруженија и организации кои ја негуваат нашата традиција, а воедно ги негуваат и зачувуваат старите занаети кои ќе ги предводи Занаетчиската Комора на РСМ
Саемот има изложбено – продажен карактер.
Ќе се овозможат B2B средби помеѓу производители, преработувачи и извозници. Здружението „ЖИВОТ“ ќе биде иницијатор за поврзување и потпишување на меморандуми за соработка помеѓу повеќето чинители од регионот.
Саемот ќе биде збогатен со културно-уметничка, сценска програма проткаена со кореографски постановки, музички сегменти, ревија и уметничко-детско катче за најмалите посетители.
Во согласност со тековните мерки за превенција од Covid 19 и препораките на Владата на РС Македонија и Министерството за здравство на РСМ, саемот ќе се оддржи на отворено.
Посебна чест и задоволство ќе ни претставува доколку и Вие ја збогатите нашата манифестација со Вашето присуство.
Со почит,
Благица Цветковиќ,
претседател
Recent Comments